Шефот на Valve е убеден дека ваквиот интерфејс би можел да има и подлабоки последици за луѓето кои го користат – би можел да ги промени.
Играчките конзоли во последните години донесуваат се подобри хардверски перформанси и се поживописни игри. Но, сето тоа може да избледне во однос на начинот на кој би можеле да ги играме видео-игрите во иднина.
Шефот на легендарната компанија за видео-игри Valve, Гејб Њуел, има интересна идеја како играње видео-игри да се направи уште подобро искуство. Како што откри во интервју за New Zeland 1 News, Valve работи на интерфејс помеѓу мозокот и компјутерот што би го направило играњето видео-игри да биде целосно ново искуство.
Како што објаснува, човечките очи имаат свои ограничувања и кога нечиј вид ќе се влоши, повеќе не може да го доживува светот околу нив (а тогаш и видео-игрите,) како што тоа го правел порано.
„Ќе можеме да создадеме целосно ново визуелно искуство, визуелна точност во која реалниот свет веќе нема да биде мерило според кое го правиме есто останато. Реалниот свет ќе изгледа обичен, безбоен, матен во споредба со искуствата што ќе можат да се создадат во човечките мозоци“, убеден е Њуел.
За да го оствари ова, Valve соработува со компанијата што се занимава со биосензори, OpenBCI, на отворен проект што би требало да им овозможи сите да имаат пристап до технологијата, која би можела да ги чита сигналите на мозокот, а која е можно да се вгради во уредите како кациги или очила. Го развиле и концептот на кацига наречен Galea.
Но, Њуел истакнува дека ваквиот интерфејс би можел да има и подлабоки последици за луѓето кои го користат.
„Станува чудно кога вашата личност може да се менува преку интерфејсот помеѓу мозокот и компјутерот. Нашата способност да создадеме искуства во човечките мозоци, кои не се пренесуваат низ некоја периферија, ќе биде подобра отколку што можеме да замислиме, рече Њуел, додавајќи дека технологијата ќе им овозможи на корисниците да го уредуваат не само она што сакаат да го видат, туку и нивните чувства и емоции.
Уверен е дека оваа технологија може да им помогне на луѓето кои лошо спијат, но би можела да доведе и до развој на посебна гранка во психотерапијата – онаа во која едноставно ги отстранувате или менувате несаканите чувства. Баш како што тоа се споменува во некои научнофантастични филмови.
Меѓутоа, за таквиот интерфејс и технологија ќе мораме уште доста да чекаме. Њуел не верува дека интерфејсот помеѓу мозокот и компјутерот наскоро ќе се појави на пазарот, пред се поради бројните безбедносни прашања.
„Никој не сака да каже – Се сеќавате на Боб? Се сеќавате кога Боб беше заразен со руски малвер? Да, тоа беше ужасно. Дали сè уште трча гол низ шумата?, се пошегува Њуел и додаде: Да, луѓето ќе мора да бидат уверени дека системот е сигурен и дека нема долгорочно да влијае на нивното здравје“.