Првиот човек со утврден Ковид-19 во Италија не е познат маратонец од Ломбардија ниту, пак, станува збор за четиригодишно дете од Милано, чии симптоми биле утврдени на 21 јануари минатата година. Палката на првозаразено лице сега ја презеде 25-годишна жена, исто така од Милано, која беше подложена на биопсија на кожата на 10 јануари 2019 година поради атипичен дерматитис. Во тој примерок, како што известува римската „Република“, бил пронајден САРС-КоВ-2, коронавирусот што предизвикува Ковид-19.
Истражувањето е спроведено од група научници од Државниот универзитет во Милано, координирани од Рафаело Џијаноти, користејќи ги ресурсите на Европскиот институт за онкологија и италијанскиот дијагностички центар, пренесува „Јутарњи лист“.
Тие под микроскоп ги преиспитале биопсиите на атипични дерматози извршени во последните месеци од 2019 година за кои не е поставена дефинитивна дијагноза. Во случајот на споменатата девојка, примерокот од кожа, пишуваат истражувачите, ги покажал генските низи на рибонуклеинската киселина (РНК) типични за SARS-CoV-2. Во конкретниот случај промените на кожата исчезнале по пет месеци, а таа не забележала други симптоми. Серолошкиот тест, извршен минатиот јуни, покажал дека крвта содржи антитела предизвикани од Ковид-19.
Италијански истражувачи врз основа на увидот во научната и стручната литература тврдат дека ова е најраниот случај досега познат во светот дека некое човечко суштество било заразено со Ковид-19. Не се објавени податоци дали жителката на Милано некогаш ја посетила Кина. Од друга страна, во Милано има кинеска колонија, чии членови повремено одат во Кина.
Кина вчера објави дека ќе прими луѓе од Светската здравствена организација кои доаѓаат да испитаат како се појави САРС-КоВ-2 во Кина. До вчера, според официјалната статистика, во Италија починале 78.755 лица од Ковид-19.