Постојаното бришење на површините со алкохол и маничното купување на дезинфекциски средства можеби е претерана реакција, сугерира новото истражување.
Студијата на авторот Емануел Голдман, микробиолог од универзитетот Рутгерс во САД, која е објавена во научното списание „Лансет“, покажала дека е мала веројатноста едно лице да се зарази со коронавирус доколку дојде во контакт со контаминирана површина со честички од вирусот.
„Во болниците беа тестирани површини во близина на пациенти заболени од Ковид-19 и на нив не беше пронајдена заразна варијанта на вирусот“, изјавил Голдман.
Според неговите зборови, вирусната рибонуклеинска киселина (РНК) која е пронајдена е всушност „трупот на вирусот“, единственото нешто кое останува кога тој ќе изумре.
„Кога ќе се најде во околината, вирусот е многу слаб и многу брзо умира“, објасни Голдман.
Неговите заклучоци се спротивставуваат на сите студии кои на почетокот на пандемијата предупредуваа дека коронавирусот може да преживее и до неколку дена на одредени површини. Се зборуваше за пренос на вирусот кога заразено лице кива и кашла во близина на некоја површина, а потоа друго лице ја допира таа контаминирана површина, а потоа и очите, носот или устата. Затоа беше толку важно редовно да се дезинфицира сè и да се носат ракавици. Сега експертите посочуваат дека сите докази укажуваат на тоа дека вдишувањето на честички на вирусот е главниот пренос на инфекција.
Од друга страна, се поставува прашањето колку постојаната дезинфекција на кваките на вратите, пакетите и прехранбените намирници може да биде опасно.