Планот за развој на „паметни села“ во Европската унија е можност да се направат руралните области во Хрватска попривлечни за живеење и со тоа да се запре нивната депопулација, беше оценето на дискусијата организирана од канцеларијата на Европскиот парламент во Хрватска.
Иницијативата за развој на „паметни села“ во ЕУ започна од Словенија и Унгарија, а во април 2017 година, Европската комисија и парламентот објавија Акциски план за „Паметните села“.
Развојот на паметни села вклучува автоматизација и роботизација на земјоделството, премин во циркуларна економија, дигитализација, како што е воведување на широкопојасен интернет во селата и употреба на обновлива енергија, со цел селата да бидат попривлечни за живеење и да се запре депопулација на рурлните подрачја во ЕУ.
На ниво на ЕУ, за таа намена треба да се издвојат околу 2,4 милијарди евра.
Одлуката на Европскиот парламент според која членките на Европската унија се должни да издвојат најмалку 5 проценти од средствата од Европскиот фонд за регионален развој за „паметни села“ е донесена во 2019 година, а ќе се спроведе во 2021 година.
Говорејќи на интернет конференција за развој на „паметни села“ организирана од канцеларијата на Европскиот парламент во Хрватска европратеникот Томислав Сокол рече дека „целта на овој концепт е целосно да го смени начинот на кој гледаме на инвестициите во руралните области“.
„Претходно се инвестираше во приватниот сектор, во земјоделството и тука акцентот е да се направат руралните области како урбани центри. Првенствено можен широкопојасен интернет, развој на инфраструктура, образование и здравство”, рече Сокол, кој е и потпретседател на Интергрупата на Европскиот парламент за рурални, планински и оддалечени области (РУМРА).
„Руралните, планинските и оддалечените области сочинуваат повеќе од 80 отсто од територијата на ЕУ и се дом на скоро 60 отсто од населението на Европската унија, така што целта е овие области да бидат попривлечни места за живеење и деловно работење и да имаат ист пристап до јавните услуги како урбаните области , со цел да се намалат проблемите со депопулацијата“, истакна тој.
Тој истакна дека првиот чекор кон „паметните села“ е инвестирање во основната инфраструктура.
Сокол ја истакна важноста на усвоениот долгорочен буџет на Унијата за 2021-2027 година со јасно дефинирана визија за инвестирање во нови технологии и Зелениот план, нарекувајќи го „револуционерен“.
Хрватска доби 24 милијарди евра од европските фондови за следните седум години за различни проекти од аспект на економијата, а Сокол смета дека ова е можност за хрватските села кои, се согласија сите учесници на конференцијата, не се доволно запознаени со овој концепт.
„Тој е релативно нов, затоа се соочуваме со период на воведување“, додаде Мирјана Самарџиќ Новоселец, член на управниот одбор на Апсолон.