Астронаутот Тим Пик откри анегдота од Меѓународната вселенска станица, кога ги предупредил колегите дека забележал потенцијален неидентификуван летечки објект, а реалноста била многу поинаква.
48-годишниот Пик, астронаут на Европската вселенска агенција и поранешен член на екижапот на Меѓународната вселенска станица, во неодамнешното интервју за британските медиуми раскажа анегдота поврзана со НЛО.
„Беше тоа пред крајот на мојата мисија, бев искусен, знаев што треба да видам во вселената, а што не. Во еден момент забележав „три светла“ кои летаат во формација во текот на денот, а светлото во текот на денот можете да го видите само ако кон вас лета некакво летало“, раскажува Пик.
Тој брзо реагирал и ги предупредил колегите и заедно со нив се обидел да открие за што станува збор, односно што се тие мистериозни светла. Неколку моменти подоцна, колегите започнале да се смеат, а и тој сфатил за што станува збор.
„На почетокот не можевме да сфатиме за што станува збор, а потоа сфативме дека тоа е урината на членот на рускиот екипаж која тече од леталото Прогрес“, раскажува Пик кој помислил дека замрзнатата, кристализирана урина е некаков неидентификуван летечки објект.
Пик беше првиот британски астронаут на Меѓународната вселенска станица, а таму помина шест месеци. Следната мисија го чека во 2024-та година.
Извор: Klix.ba