Во рамките на новата иницијатива на ФИТР наречена #FITR CLASSROOM, еден од најеминентните ангел инвеститори во Силиконската долина Марвин Лиао, ги советуваше македонските стартапџии за тактиките, процесите и системите за ефективен влезен маркетинг и продажба, на првиот вебинар кој се одржа вчера.
Лиао кој зад себе има дводецениско искуство во вложувања во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи, посочи дека компаниите низ целиот свет минуваат низ тежок период предизвикан од пандемијата со ковид 19, но дека новонастаната ситуација отвора нови можности.
„Фокусирајте се на вашите клиенти бидејќи допрва ќе се отвораат многу можности, регионално и глобално, затоа што буквално се се менува оваа година. Сменето е однесувањето на клиентите, навиките на купувачите, однесувањето на големите компании-купувачи односно во начинот на кој работат компаниите има фунадментални промени на сите нивоа. Сето ова значи дека не очекуваат големи можности и затоа ве охрабрувам иако во моментов изгледа тешко, да се адаптирате и борите да го надминете периодов.“, порача Марк Лиао.
На интерактивната онлајн средба, учесниците имаа можност да слушнат и за техники кои помагаат за бизнисите да се позиционираат и растат побрзо, особено стартапите.
Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Коста Петров, на вебинарот најави имплементирање на долгорочна стратегија за инвестирање во претприемачите и македонскиот стартап сектор преку споделување на знаење и научени лекции од светски експерти. Ова е само првата од повеќето иницијативи на ФИТР во следниот период со кои Фондот ќе инвестира во знаењето на македонските претприемачи и стартап заедницата, како придонес за нивен раст и дополнителен развој.
Следниот вебинар е закажан за 09.12.2020 во 19 часот, на тема “Брендирање на вработените“, т.е. Employee branding со Серџан Шимшек Арнаутовиќ кој е регрутер за Среден Исток, Турција, Африка, Централна и Источна Европа во „Фејсбук“. Вебинарите се бесплатни и достапни преку платформата Зум (ZOOM) и ќе се одржуваат два пати месечно со светски познати експерти од различни компании.