Вакцината од Универзитетот Оксфорд веројатно ќе биде готова до крајот на декември и најпрво ќе ја добие медицинскиот персонал, а за населението во Европа ќе биде достапна на средината на идната година, изјави научникот и микробиолог од Универзитетот Ворик од Велика Британија и волонтер во програмата за развој на новата вакцина, Бранко Рихтман.
„Истражувањата покажуваат многу добри резултати. Во третата фаза на тестирање, има четири вакцини, и сите даваат многу добри резултати, така што е многу веројатно дека во декември и јануари тие ќе почнат да дистрибуираат вакцини на луѓе кои се на првата линија во борбата против Ковид – 19, лекарите и медицинскиот персонал. За нас обичните смртници, претпоставувам дека ќе биде достапна на средината на следната година“, изјави Рихтман за ТВЦГ.
Тој смета дека вакцината нема да доцни во земјите од Балканот, бидејќи на никој не му оди во прилог вакцинирање на цела Европа, а на Балканот не.
Рихтман објасни дека третата фаза на тестирање била запрена во два наврати, еднаш во април и еднаш во јули кога кај еден од учесниците се појавиле несакани ефекти.
„Ова се случува со сите испитувања на вакцините, само што сега сите се фокусирани на оваа вакцина“, рече тој, истакнувајќи дека запирањето на испитувањето е знак дека за секој пациент и волонтер грижата е голема.
„Испитувањата покажаа дека овој случај на несакани ефекти нема никаква врска со вакцината“, додаде тој.
Кога станува збор за смртта на еден млад човек, за кого се тврди дека починал од ефектите на вакцината, Рихтман објаснил дека се покажало дека момчето не ја добило правата, туку плацебо вакцината и дека тој починал од последиците на Ковид -19.
Тој посочува дека најголемиот проблем со руската вакцина е што за неа се зборува, а не се презентирани никакви податоци од истражувањето.
Рихтман веќе доброволно примил две дози на експерименталната вакцина. Вели дека се чувствува добро и нема никакви промени.
Рихтман верува дека животот по пандемијата ќе биде многу тешко да се врати во нормала, дури и со вакцината.