Екипата од кампусот на „Гугл“, „Маунтин Вју“, подготви нов, свеж „Гугл мапс“. Новиот изглед на познатиот софтвер за навигација сега го опишува светот од момент во момент.
Апликацијата сега ги нагласува информациите што се актуелни при вашата моментална активност. На пример, ако шетате, ќе прикажува кафулиња и дуќани, ако патувате со автомобил, ќе видите бензински пумпи, а ако го користите јавниот превоз – станици. На ова би требало да помогне новиот приказ во бои и иконите што јасно ги претставуваат блиските услуги. Ќе ви биде потребно малку време за да се навикнете, но, за среќа, не се работи за нешто комплицирано.
„Кафулињата, црквите, музеите или болниците ќе имаат специфична боја и икона, што значи дека е лесно да се пронајде одредиште на мапата“, пишуваат од „Гугл“. На пример, ако сте во нова област и барате кафуле, само отворете ја мапата и пронајдете ја најблиската портокалова икона (знак за храна и пијалак). Овие нови икони ќе се најдат и на други производи, па ќе ги има и на „Гугл асистент“, „Срч“, „Ерт“ и „Андроид ауто“.
Ова не е прв редизајн низ кој поминала „Гугл мапс“. Апликацијата е лансирана уште во 2005 година и во текот на 12 години постоење доживеала неколку визуелни промени.
Последниот голем додаток беше „времето на чекање“ што го прикажува времето на чекање во блискиот ресторан.