Според американскиот Ford, постојат активности кои не се за машини, а така ќе биде и во иднина
Во 1913 година, Ford прави револуција во производството на автомобили со новата производна линија за моделот Т. Тогаш, новиот пристап на компанијата го сменил начинот на составување на автомобилите, намалувајќи го времето за производство на еден автомобил од 12 часа на само час и половина.
Покрај намалувањето на времето за производство на еден автомобил, тогашната револуционерна производна линија на „Синиот овал“ придонесува и за пониски трошоци за производство. За возврат, Ford Model T се нуди по пониска цена, што помага во „поплавувањето“ на пазарот тогаш со овој модел.
Во денешно време, фабриките за автомобили во голема мера се потпираат на роботи. Особено за задачи како што се подигнување тешки компоненти или во дел од процесот каде безбедноста е многу важна и не би било добро да се користат луѓе. Но, дали производството на автомобили може да стане целосно автоматизирано? Според Ford, одговорот е негативен.
Според шефот на производство во американската компанија, Гери Џонсон, човечкиот елемент секогаш ќе биде потребен за повеќето производствени процеси на брендот. И ова е факт, и покрај постојаните инвестиции во подобрување на ефикасноста и квалитетот.
„Ние секогаш треба да се потпреме на човечкиот елемент, луѓето секогаш прават различни работи во и на автомобилите за време на производството. Верувам дека тоа ќе биде така и понатаму“, вели Џонсон.