Во рамки на проектот за унапредување на дигиталната писменост на младите на возраст од 13-22 година во Р. Северна Македонија, Certiadria денеска по петти пат го организираше финалето на националниот MOS (Microsoft Office Specialist) каде нашата држава го доби својот претставник за светскиот натпревар кој ќе се одржи следната година.
Оваа година новите услови наметнаа и нов начин на одржување на натпреварот. Квалификациските натпревари се одржуваа online додека овогодинешното финале се одржа во Семос Едукација каде учествуваа најдобрите 15 финалисти. Победникот на Националниот MOS (Microsoft Office Specialist) натпревар ќе ја претставува нашата држава на светскиот Microsoft Office Specialist натпревар кој следната година ќе се одржи во Орландо, Флорида, САД. На светскиот натпревар активно учество земаат повеќе од 120 земји во светот.
Според организаторите на МОS натпреварот, Certiadria, дигиталните вештини добиваат сé поголемо значење во новонастанатите услови.
„Среќни сме што и покрај изменетите услови на функционирање на целокупното општество кои ги наметна пандемијата, успеавме и оваа година успешно да го организираме МОS натпреварот. Во надеж дека следната година светот ќе успее да ја надмине оваа ситуација, Certiadria продолжи да го организира овој натпревар кој веќе години наназад е препознаен како синоним за потврда на дигиталните вештини кај младите луѓе. Посебно сме горди што расте бројот на млади кои работат на подобрување на својата дигитална писменост и разбираат дека знаењето е во мода и може да донесе само придобивки. Дополнително, здравствената криза која го зафати светот само ја потенцираше потребата за унапредување на дигиталната писменост што е наша главна цел уште од почетокот на нашето работење.
Му честитаме на Филип Насковски кој доаѓа од средното техничко училиште “Наце Буѓони” од Куманово за освоеното прво место и му посакуваме успех следната година на светскиот натпревар. Голема благодарност до Град Скопје и Стопанска Банка кои се верни партнери на натпреварот уште од првата година, како и на Општина Куманово и сите поддржувачи на овој настан кои овозможија да прерасне во традиција. Сакам да напоменам дека сите учесници кои ги положија испитите се стекнаа со меѓународни сертификати, со што го потврдија достигнатото ниво на дигитална писменост и вештини неопходни за понатамошен успех и кариерен развој.“ – изјави Марко Серафимовски, директор на Certiadria.
Како и минатата година така и оваа Градот Скопје обезбеди бесплатно тестирање за 500 учесници. Град Скопје со поддршка на овој проект им овозможува на учениците бесплатно да ги полагаат испитите и да се стекнат со интернационален MOS сертификат. Во текот на изминатите години, Градот директно поддржа повеќе од 2000 ученици сé со цел на што повеќе млади луѓе да им се даде можност да се стекнат со овој сертификат.
Стопанска Банка исто така останува верен поддржувач на натпреварот како и на поттикнување на натпреварувачкиот дух и унапредување на дигиталната писменост кај младите. Под покровителство на банката победникот и неговиот ментор патуваат во Орландо, Флорида, САД да ја претстават Р. Северна Македонија на светската сцена.
Општина Куманово исто така обезбеди бесплатни испити со што ја поддржа и промовира дигиталната писменост кај младите генерации.
Веќе од следниот месец, почнуваат тестирањата за следниот циклус на националниот MOS натпревар 2020/21. Победникот од овој натпревар, ќе патува заедно со победникот од оваа година на светското финале во Орландо, САД. Од Certiadria ги повикуваат сите заинтересирани млади лица на возраст од 13-22 години да работат на развој на своите дигитални вештини, да се пријават на овој натпревар и да добијат можност да ја претставуваат нашата држава на ова незаборавно патување во САД.