Хрватскиот град Осијек е сериозен во намерата да стане центар за информатичката заедница. Планира да воведе плаќање на сметките за комуналии со криптовалута.
Градските власти добиле понуда од приватна информатичка компанија со седиште во градот која е подготвена да имплементира пилот-проект за модел на плаќање на градските услуги со криптовалута.
„Како град сакаме да покажеме дека немаме страв од новите трендови, ја прифативме иницијативата и зазедовме активно учество во истата“, изјавил Давид Крмпотиќ, раководител на Управниот одбор за финансии и јавни набавки на градот.
Како што известува Poslovni Dnevnik, идејата е да се креира мобилна апликација преку која со само неколку клика ќе може да се изврши уплатата, односно конверзијата од криптовалутата во хрватската куна. На сметката на градот Осијек уплатите ќе пристигнуваат во куни.
За реализацијата на проектот, во меѓувреме градот бил во преговори и со регулаторите од националниот финансиски пазар, биле на разговор во Хрватската народна банка и во Министерството за финансии. Велат дека иако платен промет во криптовалута уште не е утврден со закон, но не е ниту забранет.
Извор: Poslovni dnevnik