Археолозиите во Сибир пронајдоа останки на две мечки, за кои се проценува дека живееле пред 39.000 години. Необично е тоа што телата на овие животни се совршено сочувани.
Тие се пронајдени на две различни места, а научниците веруваат дека станува збор за „откритија од светско значење“.
– Ова е прво, и досега единствено откритие од ваков вид – целото тело на мечка, со сите ткива. Сите внатрешни органи се на место, а муцката е скоро недопрена. Сè што досега откривавме беа черепи и коски, рече д-р Лена Григоријева, која учествуваше во експедицијата.
Мечките ќе се проучуваат на Рускиот североисточен федерален универзитет во Јакутск. А, ќе бидат поканети и научници од други земји.
– Треба да извршиме радиојаглеродни анализи за да ја утврдиме точната старост. Засега се смета дека телото на повозрасната мечка е старо меѓу 22.000 и 39.500 години, истакна д-р Маким Чепрасов од Музејот на мамутите во Јакутск.