Футуризмот како уметнички правец е основан во Италија во почетокот на 20-тиот век. По стагнацијата во текот на воените години, доживува своја ренесанса во 60-тите и 70-тите години од минатиот век под името нео-футуризам. Денес, развојот на технологијата овозможува динамичен развој на архитектурата, нови и спектакуларни архитектонски концепции, неисцрпни можности… Во продолжение Ви претставуваме неколку репрезентативни примероци на футуристичката архитектура на 21-виот век.
Agora Garden Tower. Тајпеј, Тајван
Дело на белгискиот архитект Vincent Callebaut, објектот има форма на структурата на ДНК, и според тврдењето на авторот не може да се каже дали се работи за еден објект или два што се испреплетуваат. Со своите тераси со градини, објектот претставува вистински жив организам.
World Trade Center. Бахреин
Објектот е изграден во 2008 година и е првиот облакодер со интегрирани ветерни турбини за производство на енергија. Проектот е дело на мултинационалната архитектонска компанија Atkins.
Opera House. Харбин, Кина
Проект на MAD Architects, победничко решение на меѓународен конкурс во 2010. Објектот е извонредно вклопен во околината, и претставува дел од пообемен мастер план за т.н „Културен остров на Харбин“
Kunsthaus (Музеј на уметноста). Грац, Австрија
Објектот е посветен на модерната уметност од 1960 година до денес, и изграден е во рамките на одбележувањето на титулата „Европска престолнина на културата“ за 2003 година. Автори на проектот се Colin Fournier и Peter Cook.
Центар „Хајдар Алиев“. Баку, Азербејџан
Проектот е дело на легендарната Заха Хадид, а објектот е граден во периодот 2007-2012. Содржи конференциска сала, галерија и музеј. Именуван е по претседателот на Азербејџан во периодот 1993-2003.
Поврзани артикли