Во Русија е произведена првата серија од вакцината „Спутник V“ за цивилна употреба, а наскоро ќе следи и дистрибуцијата низ сите региони во земјата.
Руското Министерство за здравство соопшти дека вакцината „Спутник V“ за коронавирус, изработена од Институтот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, ги минала тестовите во лабораториите на Федералната здравствена служба (Росздравнадзор) и дека е произведена за цивилна употреба.
Претходно, рускиот министер за здравство Михаил Мураско објасни дека производството на вакцината за цивилна употреба во оваа фаза значи дека ќе бидат вакцинирани граѓаните од ризичните групи, првенствено лекарите и наставниците, а вакцинацијата ќе се изврши истовремено со последната фаза од клиничките испитувања.
На 11 август Русија стана првата земја во светот што регистрира вакцина против коронавирусот. „Спутник V“ во јуни и јули мина низ две фази од клиничките испитувања, а последната, трета фаза ќе се спроведе по регистрацијата на вакцината.