Елон Маск вчера на светот му претстави една посебна свиња – Гертруда има вградени електроди во мозокот и посебен чип кој ја следи нејзината мозочна активност.
Маск демонстрираше демо верзија на својот најнов технолошки изум – имплант за во мозок, којшто е тестиран на свињи, со што уште еднаш ги демонстрира своите планови за создавење на функционален интерфејс мозок-машина.
За време на преносот во живо, Маск претстави три свињи: едната во која нема имплант произведен од неговата компанија Neuralink, една во која имплантантот бил всаден во минатото и подоцна е отстранет и Гертруда, свиња која во моментов има прототип на уредот.
Тој објасни како експертите го вметнале имплантот во Гертруда пред два месеци и дека тој бил поврзан со невроните во нејзината муцка. Кога Гертруда ќе допре нешто со својата муцка, се активирале електрични импулси во мозокот, кои во имплантот регистрираат повеќе од 1000 електроди.
Освен електродите поврзани со мозокот, технологијата вклучува и посебен уред со големина на монета кој се планира да се постави во самиот череп, објасни Маск. Тој уред преку Bluetooth би се поврзувал со паметни телефони и посебна мобилна апликација. Ако сите тестови поминат успешно, технологијата еден ден би можела да реши бројни невролошки проблеми како губење на меморијата или зависност од нешто, а може да обезбеди и следење на здравствената состојба на корисниците за навреме да се реагира ако има знаци кои укажуваат, на пример, на срцев удар.
Симбиоза на луѓето и вештачката интелигенција
Маск верува и дека благодарение на електродите во мозокот и на чиповите кои може да се поврзат со телефон, еден ден ќе може со мисли да се контролираат телефоните – мозочната активност и сигналите кои технологијата би ги претворала во конкретни акции. Но, желбите на Маск одат многу подалеку од тоа и тој сака да овозможи поврзување на луѓето со компјутери и вештачка интелигенција, некаков вид на симбиоза со вештачката интелигенција која би можела да им помогне на луѓето и на нашите мозоци. Преку чипови во нашите мозоци ќе можеме да правиме резервни копии од нашите сеќавања и ќе ги отвораме кога ќе посакаме, а постои можност и да ги симнуваме на некој уред или на роботско тело, го опиша Маск радикалниот начин на примена на новата технологија во иднина.