Последната деценија беше најтопла откога се мерат температурите на воздухот, потврдија научниците.
Извештајот, кој предупредува на последиците од глобалното затоплување, го направиле 520 научници од 60 земји и покажува дека секоја деценија од 1980 година е потопла од претходната, пишува британски „Гардијан“.
Најтопол период е од 2010 до 2019 година, а температурата значително се зголемила од 2014 до 2019 година кога беа поставени и рекорди.
Тоа е период кога Европа, САД и Индија беа погодени од топлотни бранови. Тогаш беа измерени и високи температури на Арктикот, а пожарите беснееја од Калифорнија, преку Грција до Австралија.
Климатологот од Универзитетот во Пен, Мајкл Ман, предупреди дека мора да се преземат итни активности во наредната деценија за да се намали порастот на температурата.
Научниците предупредуваат дека светот се загреал за речиси еден степен во споредба со прединдустрискиот период.