Пред десет години, Xiaomi е основан во Кина, а една година подоцна го претстави својот прв смартфон – Mi 1. Една деценија од основањето, компанијата сега го обележува овој јубилеј со објава на Mi 10 Ultra телефонот.
Ова е прв Ultra смартфон во линијата на Xiaomi, а имплементира значајни подобрувања во однос на Mi 10 Pro моделот. Тоа вклучува 120Hz стапка на освежување, поддршка за 50W безжично полнење и 120W брзо полнење. На задната страна, Mi 10 Ultra имплементира перископ модул со 48MP сензор и 120x дигитален зум, како и 48MP главен сензор.
Xiaomi Mi 10 Ultra користи закривен 6.67-инчен FHD+ OLED дисплеј, со 10-битен пакет на бои. Споменатото освежување од 120Hz е дополнето со 240Hz touch sampling стапка. HDR 10+ панелот има 19.5:9 однос на страници и 800 нита осветлување. Во горниот лев агол на екранот е сместена 20MP селфи камера, додека под дисплејот се наоѓа сензор за отпечатоци од прсти.
Камерите на задната страна ги карактеризира импресивен хардвер. Ова вклучува 1/1.32″ 48MP главна камера со F/1.85 отвор на бленда и OIS поддршка. Тука е и 1/2.0″ 48MP F/4.1 перископ камерата со 5x оптички и 120x хибриден зум. Двете камери поддржуваат снимање на 8K видео. Останатите два сензора се 20MP ултраширок со 13мм фокусна далечина и 12MP телефото со 2x оптичко зумирање.
Телефонот го покренува Snapdragon 865 чипсет, во комбинација со 8GB, 12GB или 16GB LPDDR5 RAM и 128GB, 256GB или 512GB UFS 3.1 простор за складирање. Xiaomi имплементираше LiquidCool 2.0 парна комора, заедно со шест графитни слоеви, за да обезбеди оптимална контрола на температурата на телефонот.
Со Mi 10 Ultra пристигнува 120W Mi Turbo Charge, кој ќе биде комерцијално најбрзата достапна опција на полнење. Xiaomi тврди дека 4500mAh батеријата на уредот може да се наполни до врв за сами 20 минути. Компанијата, исто така, истакнува дека со текот на времето нема да дојде до значајно намалување на ефикасноста на батеријата, па Mi 10 Ultra и натаму би требало да има 90 проценти од капацитетот по 800 циклуси полнење.