Компанијата Amazon објави дека ќе им овозможи на вработените кои можат да работат од дома да продолжат да ги извршуваат своите должности од далечина до 8. јануари.
Ова е уште едно продолжување на периодот на враќање во канцелариите за многумина вработени во технолошкиот гигант.
„Ние продолжуваме да му даваме приоритет на здравјето на нашите вработени и ги следиме насоките на локалните власти. Сите вработени кои што можат ефикасно да ги извршуваат работните обврски од дома се добредојдени да го сторат тоа до 8. јануари“, рече портпаролот на Amazon.
Тој додаде дека компанијата инвестирала „значителни средства и ресурси“ за да обезбеди сигурност на вработените кои избираат да се вратат во канцеларија – преку мерки за социјално растојание, дезинфицирање на просториите, мерење на температурата и обезбедување на маски за лице и антибактериски средства.
Веста доаѓа откако компанијата во мај објави дека вработените би можеле да работат од дома најмалку до 2. октомври.
Технолошките компании, вклучително и Facebook, Google и Apple, велат дека не очекуваат нивните вработени да се вратат во канцелариите до крајот на годината. Twitter дури им дозволи на луѓето што можат да работат од дома да го сторат тоа „засекогаш“ ако сакаат.
Од Amazon не прецизираа колку од вработените во компанијата ќе бидат опфатени со одредбата, но велат дека новата политика е „глобална“. Технолошкиот гигант додаде дека на крајот на последниот квартал компанијата имала 840.400 вработени со полно и со скратено работно време.