Благодарение на членот на XDA-Developers тимот (kacskrz9), се појавија информации за новиот Redmi уред во кодот на најновиот MIUI 12 build. Уредот го носи кодното име „cezanne“, а извештајот сугерира дека во прашање е Redmi K30 Ultra.
Информациите од кодот укажуваат на тоа дека телефонот ќе има четири камери на задната страна, како и pop-up селфи камера. Се очекува дека главната камера ќе има 64MP главен сензор, додека резолуциите на останатите камери не се познати.
Уредот ќе го покренува MediaTek процесор, а со оглед на тоа дека уредот има 64MP главна камера (за која е потребен поспособен чип), се очекува дека чипсетот би можел да биде Dimensity 1000 со 5G поддршка.
XDA-Developers потсети дека дојавувачот Digital Chat Station претходно објавил дека во подготовка е нов Redmi уред со 144Hz освежување на екранот, Dimensity 1000 чипсет, 64MP Sony IMX686 камера и pop-up селфи камера. Меѓутоа, моментно нема докази дека двата уреда се директно поврзани.