Најновата функција што ќе ја претстави оваа социјална мрежа е можноста да се вметне биографија како дел од профилот, со што „Фејсбук“ ќе стане конкурент на „Линкдин“.
Опцијата за поставување биографија на профилот е најавена преку неколку скриншотови објавени на социјалната мрежа. Доколку добие зелено светло за оваа опција, „Фејсбук“ ќе стане директен конкурент на „Линкдин“, социјална мрежа за бизнис.
Директорот за социјални медиуми, Мет Наваро, споделил неколку фотографии од биографијата што му ја испратила девелоперот Џејн Манчун Вонг. Вонг е меѓу првите корисници што својата биографија ја поставиле на нивниот профил. Функцијата му овозможува на корисникот да го прикаже своето досегашно искуство и образование, контактни информации, слика и други информации – исто како „Линкдин“.
Додавањето на CV како дел од профилот на „Фејсбук“ не е нешто ново. Голем број корисници ги додаваат нивните работни места и образованието на „Фејсбук“. Прашањето е дали сакате вашиот потенцијален работодавец да ги види вашите лични профилни фотографии? Новата карактеристика ги комбинира сите релевантни информации во уникатен професионален пакет кој е одделен од личните фотографии, статуси и другите постови кои не би сакале да ги споделите со работодавците.
Дали „Линкдин“ треба да се загрижи?
Сè уште не се знае колку луѓе имаат пристап до новата функција и кои се плановите на „Фејсбук“. Некое начелно правило што „Фејсбук“ го применува е тестирање на новата опција на мал број луѓе пред пуштање во јавноста.
Самиот факт дека „Фејсбук“ ја има земено предвид идејата за биографијата покажува дека компанијата се приближува кон бизнис-секторот. Знаејќи од претходно дека „Фејсбук“ е агресивен кон конкуренцијата, тоа значи дека „Линкдин“ наскоро би можел да биде во неволја.