Додека помладите луѓе ги бараат попустите за „Црн петок“ (Black Friday) преку инфлуенсери, а постарите генерации се потпираат на доверливи веб-страници, сајбер-криминалците користат вештачка интелигенција и „дипфејк“ за нови измами.
Пред глобалниот шопинг-настан познат како „Црн петок“ – период на големи попусти и распродажби – припадниците на генерацијата Z (48%) и миленијалците (45%) најчесто дознаваат за понудите преку препораки од инфлуенсери, креатори на содржини и платформи на социјалните мрежи.
За разлика од нив, припадниците на генерацијата X (43%) и „бејби бумерите“ (39%) претпочитаат да користат познати пребарувачи и да ги посетуваат официјалните веб-страници на одредени брендови.
Истражувањето на компанијата Kaspersky, спроведено меѓу 7.200 потрошувачи ширум светот, анализираше како различните возрасни групи носат одлуки за онлајн купување и каде ги наоѓаат најдобрите понуди.
Препораките од социјалните мрежи, инфлуенсерите и другите креатори на содржини се најпопуларниот избор за генерацијата Z (48%) и миленијалците (45%), додека се помалку застапени кај генерацијата X (35%) и, како што се очекуваше, кај „бејби бумерите“ (28%).
Од друга страна, „бејби бумерите“ – најстарата демографска група – се одлучуваат за потрадиционални методи на пребарување, честопати директно посетувајќи ги веб-страниците на онлајн продавниците (39%).
Интересно е што ова е и најчестиот пристап кај намладите потрошувачи од генерацијата X (43%), додека кај миленијалците и генерацијата Z, тој е вториот најпопуларен избор, за кој се определиле 41% од испитаниците во секоја од овие групи. Овие разлики во навиките не им промакнуваат на сајбер-криминалците, кои ги прилагодуваат своите тактики според каналите каде што потрошувачите ги бараат производите и понудите.
На TikTok и Instagram, измамите што вклучуваат вештачка интелигенција и „дипфејк“ технологија стануваат сè почести: виртуелни инфлуенсери промовираат непостоечки производи, „чудотворни“ медицински лекови или наводно рачно изработени предмети, поттикнувајќи ги купувачите да извршат плаќање директно на продавачот.
Во некои случаи, купувачите добиваат евтини, масовно произведени стоки што не одговараат на она што било рекламирано, додека во други случаи, тие едноставно остануваат без своите пари.
Дополнителен ризик претставуваат фотографиите и описите на производите генерирани од вештачка интелигенција, кои можат да создадат целосно погрешна слика за тоа што всушност се купува. Од друга страна, корисниците кои се потпираат на пребарувачи, веб-страници на онлајн продавници и понуди преку е-пошта не се имуни на измами.
Лажните онлајн продавници, фишинг страниците што се претставуваат како добро познати брендови и измамничките промотивни пораки ја искористуваат довербата што потрошувачите ја имаат во познатите комуникациски канали.
Истражувањата покажуваат дека промотивните е-пораки сè уште го привлекуваат вниманието на приближно 30 проценти од миленијалците, членовите на генерацијата X и бејби-бумерите, додека околу 30 проценти од потрошувачите од сите генерации се потпираат на препораки од семејството, пријателите и колегите. Исто така е значајно што препораките базирани на вештачка интелигенција се рангирани меѓу петте најдобри методи што се користат за откривање попусти; тие беа најпопуларни меѓу генерацијата Z (19%) и миленијалците (18%), а малку помалку меѓу генерацијата X (15%) и бејби-бумерите (13%).
Потрошувачите треба да го потврдат продавачот и автентичноста на понудата; на социјалните медиуми, тие треба да обрнат внимание на староста на сметката, коментарите и сите необични карактеристики на профилот.
Кога купуваат во онлајн продавници, потрошувачите треба да ја проверат репутацијата на продавачот и политиката за враќање пари и да размислат дали понудата изгледа премногу добра за да биде вистинита.
Понатаму, потрошувачите не треба автоматски да веруваат на фотографии, видеа или препораки.
Содржината генерирана од вештачка интелигенција може да изгледа многу убедливо, па затоа е важно да се бараат какви било недоследности во начинот на прикажување на производите.
Исто така е важно внимателно да се проверат линковите и адресите на веб-страниците.
Треба да се биде дополнително претпазлив при отварање на линкови пронајдени во е-пошта, пораки или реклами на социјалните медиуми.
