Грција претстави нов суперкомпјутер, „Дедал“ (Daedalus), кој со брзина на обработка од 85,69 петафлопси отвора нови можности за развој на напредни модели на вештачка интелигенција во земјата.
„Дедал“ е најмоќниот суперкомпјутер некогаш инсталиран во Грција. Системот, кој претставува инвестиција од 58,9 милиони евра, според достапните податоци, се рангира како 31-ви најмоќен суперкомпјутер во светот.
Иако брзината од приближно 86 петафлопси можеби не значи многу за просечниот корисник, во практична смисла, тоа значи дека машината може да изврши околу 86 квадрилиони операции во секунда. За да се добие претстава: она што овој суперкомпјутер го пресметува во „трепкање на око“, на целото човештво — работејќи деноноќно со џебни калкулатори — би му биле потребни четири месеци за да го заврши.
A new era of supercomputing has arrived in Greece.
DAEDALUS, Greece’s new HPC supercomputer is designed to tackle the world’s toughest computational challenges.
From research to climate modeling and big data analytics, HPE Cray is helping power it all. https://t.co/1hrDlscCHg https://t.co/zU1zcD8rth
— HPE (@HPE) October 19, 2026
Според „Еуроњуз“, целта на грчкиот суперкомпјутер е да го поттикне домашното технолошко производство и да ја намали зависноста од компјутерски капацитети лоцирани во странство.
„Дедал“ обезбедува инфраструктура за универзитети, истражувачки центри, бизниси, јавни институции и здравствени организации, овозможувајќи им да развиваат и обучуваат напредни модели на вештачка интелигенција (AI), да обработуваат огромни количества податоци и да спроведуваат сложени пресметковни проекти — сето тоа на инфраструктура лоцирана во Грција.
Суперкомпјутерот е сместен во историската зграда на поранешната електрана во Технолошкиот и културен парк „Лаврио“, кој функционира под покровителство на Националниот технички универзитет во Атина. Националната инфраструктура за истражување и технологија (EDYTE – GRNET) го презеде управувањето и техничкото функционирање на системот, а исто така е одговорна и за спроведувањето на проектот.
