Новата функција „History“ ги менува досегашните Bookmarks и ги складира сите ваши лајкови, видеа и прочитани статии на едно место, а еве кој прв ја добива.

Социјалната мрежа X воведува нова функција наречена Историја (History), која им овозможува на корисниците да ги прегледуваат зачуваните објави, „лајкуваната“ содржина, видеата и статиите што претходно ги гледале или читале на едно место.

Новата опција моментално е достапна на iOS уредите, а според шефот на одделението за производи на компанијата, Никита Бира, целта на функцијата е да им го олесни враќањето на содржината што корисниците сакаат да ја прочитаат или гледаат подоцна.

Претходното копче „Bookmarks“ во страничното мени на апликацијата е преименувано во History, а новата страница сега е поделена на четири дела – Bookmarks, Likes, Videos и Articles.

Новата функција ја доближува мрежата X до моделот на прелистувач, дозволувајќи им на корисниците да се вратат на содржината што претходно ја гледале, дури и ако не ја зачувале.

Компанијата, исто така, се обидува дополнително да го поттикне користењето на подолги статии и содржини објавени директно на платформата X.