Huawei штотуку ја лансираше серијата Mate 80 во Кина, а врвниот модел, Mate 80 Pro Max, веднаш го привлече вниманието благодарение на своите 8.000 нити максимална осветленост.

Новите телефони се придружени и од преклопниот Mate X7, кој доаѓа со IP59 заштита од прашина. Huawei претстави четири модели на Mate 80, но Pro Max е секако најинтересен.

Неговиот 6,9-инчен двоен OLED екран е деклариран на неверојатни 8.000 нити – повеќе од 7.000 нити што Realme ги истакнува за својот GT 8 Pro и далеку над 3.300 нити на Google Pixel 10 Pro.

фото: Huawei

Секако, треба да се има предвид дека овие вредности се однесуваат на екстремни сценарија, кога само мал дел од екранот ја достигнува наведената осветленост, па затоа не се мерка за секојдневна употреба, објавува порталот Verge.

Сепак, јасно е дека панелот ќе биде посветол од повеќето, што е особено важно при силна сончева светлина, а Huawei тврди дека контрастот е исто така исклучително висок.

фото: Huawei

Сите модели на Mate 80 се префрлаат на рамни екрани и поостри рабови, продолжувајќи го трендот на напуштање на закривените панели кои претходно беа доминантни.

Дизајнот е визуелно впечатлив – на задната страна има голем кружен елемент кој ја нагласува позицијата на безжичната намотка за полнење и, заедно со кружниот модул на камерата, формира стилизирана бројка осум.

фото: Huawei

Серијата се напојува со чиповите Kirin на Huawei, а конфигурациите одат до 20 GB RAM меморија кај најскапиот модел, Mate 80 RS Ultimate Design. Во суштина, тоа е истиот уред како Pro Max, но со полуксузен финиш и повисока цена.

Интересно е што Huawei не влезе во трката за гигантски батерии како неговите домашни конкуренти – Pro Max носи максимум 6.000 mAh, што е доста скромно според денешните стандарди. Сепак, камерите остануваат главен адут: највисокиот модел има две перископски телефото камери, како и поддршка за надворешен телефото приклучок, тренд кој станува сè попопуларен.