Apple подготвува радикални промени на својот најпознат производ во текот на следните три години, а сè ќе започне оваа есен.

Според Марк Гурман, компанијата планира секоја година да воведува сосема различен модел на iPhone. Првиот во серијата ќе биде iPhone 17 Air, кој ќе пристигне во 2025 година како замена за верзијата „Plus“. Телефонот ќе биде значително потенок од претходните генерации, но со помала батерија за да се постигне минималистички дизајн.

Една година подоцна, во 2026 година, се очекува голема пресвртница – iPhone 18 Fold, првиот преклопен модел. Уредот треба да има надворешен екран од 5,5 инчи и главен, преклопен екран од 7,8 инчи. Според аналитичарите, ќе има четири камери, ќе се врати Touch ID, а физичкиот слот за SIM картичка целосно ќе исчезне.

За годишнината, во 2027 година, Apple планира специјално издание – iPhone 20. Овој модел ќе одбележи 20 години од iPhone, а ќе има целосно стаклен дизајн со заоблени рабови и екран без никакви исечоци. Дизајнот ќе биде во согласност со естетиката „Liquid Glass“ воведена од iOS 26.

Покрај iPhone, се очекуваат и голем број нови уреди и освежени верзии на постоечките: HomePod со екран, помоќен Apple TV, MacBook со M5 чип, нови AirPods Pro и Max, како и подобрен Apple Watch.

Доколку најавите се остварат, следните три години ќе донесат најголеми промени во линијата мобилни уреди на Apple уште од првиот iPhone.