Најголемиот светски производител на чипови TSMC објави дека открил неовластени активности што укажуваат на потенцијално „протекување“ на трговски тајни.

Компанијата веднаш покрена дисциплински мерки против одредени лица и покрена судски постапки, се додава во соопштението објавено од CNBC.

TSMC изјави дека има политика на нулта толеранција кога станува збор за кршење на доверливоста и заштитата на клучните технологии, особено поради зголемените геополитички тензии и стратешката важност на полупроводниците за развој на вештачката интелигенција.

Според Nikkei Asia, неколку поранешни вработени во TSMC се обиделе да добијат информации за развојот и производството на напредни чипови од 2 нанометри додека сè уште работеле во компанијата.

Проблемот бил идентификуван преку механизми за внатрешна контрола и била спроведена брза внатрешна истрага, соопшти компанијата.

TSMC, која произведува чипови за водечки глобални технолошки компании како што се Apple и Nvidia, претходно изјави дека има повеќе од 200.000 трговски тајни складирани во својот систем.

Во сличен инцидент минатата година, холандската компанија ASML откри дека поранешен вработен во Кина пристапил до неовластени податоци за технологија за производство на напредни литографски машини.