OpenAI и Oracle потпишаа договор вреден 30 милијарди долари годишно за изградба на центри за податоци.
Компанијата за вештачка интелигенција OpenAI потврди дека потпишала договор од 30 милијарди долари годишно со Oracle за изградба на 4,5 гигавати центри за податоци за проектот Stargate, кој го објави американскиот претседател Доналд Трамп во јануари.
Проектот е клучен чекор во стратешката иницијатива од 500 милијарди долари, чија цел е изградба на 10 гигавати инфраструктура за вештачка интелигенција низ САД до 2029 година.
Се проценува дека новата инвестиција ќе создаде над 100.000 работни места – како во изградбата и работењето на центри за податоци, така и преку синџирот на снабдување и локалните услуги.
Овие работни места вклучуваат директно, трајно вработување во самите центри, привремени градежни работни места и индиректно вработување во производство на опрема и сродни активности, според веб-страницата на OpenAI.
Договорот првпат стана јавен кон крајот на јуни, кога Oracle објави во поднесена пријава до Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) дека потпишала повеќегодишен договор што ќе ѝ донесе 30 милијарди долари годишен приход, но клиентот не беше именуван.
Веста ги зголеми акциите на Oracle, а основачот на компанијата Лари Елисон се искачи на второто место на листата на „Блумберг“ на најбогати луѓе во светот, објави „Tech Crunch“.
Поврзани артикли