Иако Windows XP одамна влезе во технолошка пензија, еден необичен проект го враќа во живот легендарниот оперативен систем – и тоа во вашиот интернет прелистувач.
На интернет се појави веб-страница наречена Win32.run, која им овозможува на корисниците да извршуваат интерактивна симулација на Windows XP без потреба од инсталација или дополнителен софтвер. Сè работи директно од прелистувачот, а искуството е зачудувачки автентично.
Според порталот Neowin, зад проектот стои развивач познат по прекарот u/ducbao414, кој ја развил оваа веб-апликација користејќи модерни технологии како што се Svelte и TailwindCSS.
Откако ќе ја отворите страницата, ќе ве пречека добро познатиот „boot“ екран на Windows XP, проследен со менито Start, работната површина, па дури и програми како Paint, Notepad, Minesweeper, а тука е и добро познатата верзија на Internet Explorer – иако секако не работи целосно.
Една од интересните работи за овој проект е што сè работи локално – сите датотеки, поставки и дејства се складираат во вашиот прелистувач користејќи ја таканаречената IndexedDB технологија, што значи дека ништо не оди на оддалечени сервери.
Проектот првично беше развиен како експеримент и начин за учење нови технологии, но авторот подоцна се откажа од понатамошен развој поради сложеноста на новите верзии на алатките што ги користеше. Сепак, страницата е сè уште достапна, а изворниот код може да се најде на GitHub.
Иако не нуди целосна функционалност на вистински систем Windows XP, симулацијата е изненадувачки детална. Корисниците на социјалните мрежи веќе коментираат дека „се вратиле во 2002 година за момент“, а многумина го гледаат овој проект како почит кон една од најомилените верзии на Windows на сите времиња.
Ако сакате да се сетите како беше работењето на компјутер пред две децении, посетете ја Win32.run и стартувајте ја вашата мала временска машина.
Фото: Принтскрин
Поврзани артикли