Американската технолошка корпорација Meta потпиша договор со „Констелејшн енерџи“ за купување на 1,1 гигават нуклеарна енергија од нуклеарната централа „Клинтон“ во Илиноис, почнувајќи од јуни 2027 година.

Дваесетгодишниот договор го опфаќа целото производство на постоечкиот реактор и ќе овозможи продолжување на работата и повторно лиценцирање на електраната, која во спротивно би била изложена на ризик од затворање.

Ниедна од компаниите не ги откри точните финансиски услови, но договорот вреден повеќе милијарди долари ќе ѝ помогне на „Констелејшн“ да ја релиценцира електраната и да обезбеди купувач за времетраењето на продолжувањето на лиценцата, објавува Tech Crunch.

Големите технолошки компании како Meta јавно го поддржаа развојот на нуклеарната енергија, за која веруваат дека би можела да ги задоволи растечките инфраструктурни потреби на вештачката интелигенција и cloud computing.

Meta претходно оваа година објави дека бара предлози за нови нуклеарни централи што би произведувале помеѓу еден и четири гигавати енергија. Компанијата подоцна соопшти дека добила повеќе од 50 квалификувани предлози за локации за нуклеарни централи во повеќе од 20 земји, додаде технолошкиот портал.