Duolingo постепено ќе престане да користи фриленсери за задачи што вештачката интелигенција може да ги изврши, според интерен е-мејл испратен до вработените од ко-основачот и извршен директор Луис фон Ан.
Како што изјави тој, компанијата ќе „мора да преиспита голем дел од начинот на кој работи“ бидејќи „малите прилагодувања на системите дизајнирани за луѓе не се доволни“.
Како дел од таа промена, компанијата ќе воведе „неколку конструктивни ограничувања“, вклучувајќи промени во начинот на кој работи со фриленсерите, барање решенија со вештачка интелигенција при вработување и евалуација на перформансите и правило дека „нови вработени можат да бидат вработени само ако тимот не може да автоматизира значителен дел од нивната работа“.
Фон Ан вели дека „Duolingo останува компанија која ги цени своите вработени“ и дека „не станува збор за замена на луѓето со вештачка интелигенција“.
„AI не е само алатка за зголемување на продуктивноста. Таа нè доближува до нашата мисија. За да предаваме квалитет, треба да создадеме огромна количина содржина, а рачното креирање на таа содржина едноставно не е скалабилно“, рече коосновачот на Duolingo во порака објавена на LinkedIn.
„Една од најдобрите одлуки што ги донесовме неодамна беше да преминеме од бавен, рачен процес на креирање содржина на процес напојуван од вештачка интелигенција. Без вештачка интелигенција, ќе бидат потребни децении за да се создаде доволно содржина за сите. Им должиме да го забрзаме тоа“, додаде тој.
Оваа е-пошта доаѓа по слична интерна порака испратена до вработените од извршниот директор на Shopify, Тоби Литке, во која тој наведува дека тимовите прво мора да покажат „зошто не можат да ги завршат задачите со помош на вештачка интелигенција“ пред да побараат повеќе ресурси или луѓе.
Поврзани артикли