Фон дер Лајен ги предупреди технолошките гиганти да се придржуваат кон регулативите во Европа.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги предупреди големите технолошки компании, вклучувајќи ги X, Meta, Apple и TikTok, дека Европската Унија лесно ќе ги спроведе своите дигитални регулативи без оглед на тоа кој ги води компаниите или каде се наоѓаат.

„Прописите усвоени од нашите законодавци мора да се спроведуваат. Затоа покренавме постапки против TikTok, X, Apple, Meta – за да наброиме само неколку. Ќе ги применуваме прописите праведно, пропорционално и без предрасуди. Не ни е грижа од каде е компанијата или кој ја води. Ние се грижиме за заштитата на луѓето“, рече фон дер Лајен во писмен одговор на прашањата за посветеноста на ЕУ кон дигиталните прописи, пишува бриселско Политико.

Нејзините изјави ја нагласуваат решеноста на ЕУ да спроведе сеопфатен пакет дигитални регулативи, кои наидоа на остри критики од високи членови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, истакнува гореспоменатиот портал.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, ги водеше критиките кон европските закони како што се Законот за дигитални услуги (DSA), кој ја регулира содржината, и Законот за вештачка интелигенција (AI Act), тврдејќи дека тие ја цензурираат слободата на говорот и ги задушуваат иновациите во Европа.

Два месеци пред претседателските избори во САД, Венс го поврза учеството на Вашингтон во НАТО со европските дигитални регулативи, сугерирајќи дека САД би можеле да ја откажат поддршката за Алијансата доколку ЕУ ги спроведува законите за платформите.

Таквиот притисок предизвика загриженост дека ЕУ би можела да го одложи спроведувањето на своите закони за да го избегне „гневот“ на администрацијата на Трамп, особено во контекст на напнатите преговори за трговските тарифи на САД против Европа, наведува порталот.

Европската комисија моментално разгледува можни казни против мрежата X, откако заврши истрагата за платформата во јануари.

„Њујорк тајмс“ објави на почетокот на април дека Брисел ќе изрече казна до 1 милијарда долари, иако портпаролот на Комисијата го негираше извештајот.