Воздухопловните сили на САД го претставија новиот борбен авион од необично потекло, F-35, склопен од делови на два авиона уништени во несреќи. Го нарекуваат Frankenjet и сега и официјално е подготвен за мисии.
Frankenjet е целосно оперативен и подготвен за борбени мисии“, објави Заедничката оперативна канцеларија на Ф-35 (ЈПО) во последниот извештај. Овој необичен проект почна во 2014 година кога F-35A претрпе тежок дефект на моторот додека се подготвуваше за тренинг-лет од воздухопловната база Еглин на Флорида.
Авионот, познат како „АФ-27“, претрпел сериозно оштетување на задниот дел. Истрагата покажа дека делови од роторот на моторот се распрснале во куќиштето на вентилаторот, навлегле во резервоарот за гориво и во хидрауличните линии и излегле преку горниот труп на авионот предизвикувајќи пожар, кој зафатил две третини од авионот. Години подоцна, во јуни 2020 година, друг F-35A, овој пат означен како AF-211, беше сериозно оштетен за време на слетувањето во воздухопловната база Хил во Јута кога му откажа предната опрема за слетување.
По два сериозно оштетени авиона, воздухопловните сили останаа со употреблив преден дел од„ АФ-27“ и заден дел од„ АФ-211“, делови од борбените авиони кои чинат по 75 милиони долари.
Наместо да ги отпишат двата авиона, експертите одлучија во 2022 година да го користат она што остана спојувајќи го предниот дел на едниот и задниот дел на другиот. Така е создаден првиот „Ф-35“, Frankenjet, кој во флотата врати уште еден оперативен авион, со значителни финансиски заштеди. „Ова е прв ваков случај во историјата“, вели Скот Тејлор, главен машински инженер во „Локхид Мартин“. „Делови од F-35 теоретски може да се одвојат и повторно да се состават, но тоа никогаш досега не било направено.
Работата беше извршена во базата Хил, а за овој уникатен проект беа развиени целосно нови алатки, опрема и методи на склопување.
По речиси две и пол години работа, во јануари 2025 година, Frankenjet првпат полета слетувајќи во фабриката на „Локхид Мартин“ во Форт Ворт, Тексас, каде што беше извршено дополнително тестирање.
„Авионот беше тестиран до своите граници при првиот лет и се однесуваше како штотуку да е произведен“, рече Џефри Џенсен, главен инженер за F-35A. Кон крајот на март Frankenjet повторно пристигна во хилската база и беше вратен во 388. борбена ескадрила, на која ѝ припаѓаше и оригиналниот „АФ-211“.
Целиот проект за изградба на овој необичен F-35 чинел 11,7 милиони долари, а Пентагон тврди дека заштедил дури 63 милиони долари, што би била цената на целосно нов авион.
Според Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), американското воено воздухопловство во моментот има 383 авиони „Ф-35А“. Освен во САД, F-35 станува сè попопуларен меѓу американските сојузници бидејќи дури 17 земји веќе ги имаат овие авиони или ги нарачале, според „Локхид Мартин“.
Поврзани артикли