Првата џамија во светот направена со помош на 3Д принтер ќе биде изградена во Дубаи.
Џамијата ќе ја гради Министерството за исламски прашања и добротворни цели на Дубаи (IACAD), а нејзината површина ќе биде 2.000 квадратни метри. Изградбата се очекува да заврши во 2025 година, кога ќе може да прими до 600 верници. Џамијата ќе се наоѓа во Бур Дубаи, една од најстарите населби во Обединетите Арапски Емирати, се вели во соопштението на IACAD.
„Ќе бидат потребни околу четири месеци за процесот на 3Д печатење на структурата на објектот, како и дополнителни 12 месеци за опремата. Работниците ќе користат 3Д роботски печатач, кој за еден час ќе испечати два квадратни метри“, се вели во соопштението.
Во изградбата на новата џамија ќе се користи комбинација од суровини и внимателно подготвен бетон.
„Со користење на 3Д печатење ќе го намалиме отпадот од градежни материјали, што е еколошко решение. Џамијата ја претставува визијата на нашето мудро раководство. Цената е за 30 проценти повисока во споредба со градењето на „нормален начин“ бидејќи е прва џамија од ваков тип во светот. Очекуваме дека трошоците и во иднина ќе бидат слични, а гаранцијата е 30 години“, изјави директорот на инженерскиот оддел на IACAD.
Изборот да се користи технологија за 3D печатење е во согласност со амбициите на Дубаи да стане водечки центар за технологија до 2030 година.
Стратегијата за 3D печатење на Дубаи е иницијатива започната во 2016 година од шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетелот на Дубаи, со намера градот да стане главен центар на споменатата технологија. Целта е 25 отсто од идните згради во Дубаи да се градат со помош на 3Д принтери. Ова инспирираше бројни производители на технологија да ги испратат своите производи во Дубаи со цел да градат тест структури.