Истражувањето за нуклеарна фузија забележа огромен раст во изминатите 12 месеци. Според податоците, во овие истражувања во изминатата година се инвестирало повеќе отколку во претходните 10 години.
Претходната година инвестициите во истражувањата за нуклеарна фузија привлекоа 2,8 милијарди долари, додека во претходните 10 години беа инвестирани вкупно 2 милијарди долари.
Здружението на индустријата за фузија соопшти дека според нивното истражување, 93 отсто од компаниите рекле дека веруваат дека електричната енергија ќе се произведува со фузија до 2030 година.
Производството на енергија со помош на нуклеарна фузија е долгорочна амбиција на многу научници и енергетски експерти, но до сега главното место на нејзиното појавување се сè уште научната фантастика и романите.
Научниците со децении се обидуваат да користат нуклеарна фузија за да произведат електрична енергија на употреблива скала, но реплицирањето на реакцијата на Земјата е многу предизвикувачко бидејќи бара огромни количества топлина и притисок.
Досега тие не беа во можност да произведат повеќе енергија отколку што е потребно да се покрене реакцијата. Сепак, постојат знаци на напредок, со тоа што научниците постигнаа рекордни 59 мегаџули енергија во експериментите во објект во Калхам, во близина на Оксфорд, на почетокот од оваа година.
Истражувањето за фузија привлекува внимание во најголемите земји во светот. Германската компанија Marvel Fusion неодамна претстави идеја која вклучува употреба на краткотрајни ласерски импулси.