Genesis претстави нов луксузен електричен концепт – X Speedium Coupe.
Корејскиот производител на премиум автомобили, Genesis, во последните години го донесе многу потребното освежување на светската сцена, а оние кои мислеа дека оваа нова марка нема да може да се справи со силната конкуренција на пазарот, се лажеа.
Genesis буквално граби со чекори од седум милји. Асортиманот станува се побогат, а неговите луксузни модели добро котираат и кај нивните сопственици и кај медиумите. Во исчекување на електричниот GV60 во Кореја, тие одржуваат високо ниво кога станува збор за дизајнот.
По минатогодишниот концепт наречен X Coupe, сега пристигна еден вид на еволуција на ова возило. Класичниот GT стана „fastback“, односно доби малку поинаква каросерија и ознака X Speedium Coupe.
Најголемата новост е задниот дел, каде линијата на покривот се протега преку задното стакло, до крајот на автомобилот.
Инаку, ова е најава за нов дизајнерски израз кој ќе се користи на електричните модели на корејската марка. Сè уште се препознава предниот дел, со типична триаголна рамка, која сега доби контури со LED светла.
Бидејќи се работи за автомобил на електричен погон, класичната решетка – маска кај ладилникот ја нема.
Задниот дел на автомобилот е подеднакво импресивен, а на некои веројатно ќе им изгледа како Aston Martin.
Во секој случај, Genesis направи уште еден атрактивен автомобил под палката на познатиот дизајнер Лука Донкерволке.
Шефот за дизајн на Genesis потврди дека ова не е само изложбен автомобил, туку резултат на развојот на дизајнот на идната линија на сериски електрични модели.
Паралелно со претставувањето на концептот, Genesis објави дека отвора список за нарачки за GV60, првиот електричен модел во понудата.
Заинтересираните купувачи во САД можат да аплицираат преку официјалната веб-страница, со депозит од 500 долари.
Потсетуваме дека станува збор за SUV модел на механичката платформа E-GMP со три достапни погони, од основните 228 КС и 350 Nm до спортската верзија со 435 КС и 605 Nm.