Роботите веќе го заслужија своето место во јапонските фабрики со извршување на едноставни задачи или доставување храна до посетителите на рестораните, а истражувачите сега претставуваат паметни машини способни за понежни работи, како што е лупење банана.
Имајќи предвид дека машината со две раце успеала само 57 отсто да ја изврши оваа задача, нејзината способност да лупи банана без да ја претвори во каша укажува на иднината во која роботите ќе можат да вршат посуптилни операции од поместувањето на металните делови или да носат кафе во кафуле, пишува Ројтерс.
На видеото кое неодамна го објавија истражувачите од Универзитетот во Токио, се гледаат роботски раце како земаат и лупат банана за три минути.
Истражувачите Хецеол Ким, Јошијуки Омура и Јасуо Кунијоши го „тренирале“ роботот преку процес на „длабоко учење со имитација“, во кој лупењето банана повторено илјада пати и давало на машината доволно податоци за да ја научи и повтори оваа постапка.
Во овој случај, роботот успешно го извел процесот на лупење по повеќе од 13 часа тренинг. Иако се уште е во фаза на тестирање, Кунијоши верува дека неговиот метод ќе ги научи роботите да извршуваат едноставни „човечки“ задачи.
Тој се надева дека „обучените“ роботи ќе бидат важни во решавањето на проблемот со недостигот на работна сила во Јапонија, на пример, во фабриките за преработка на храна кои во голема мера зависат од човечкиот труд.
Поврзани артикли