Потребна е дебата и отворање дијалози за она што се објавува во онлајн медиумите. Потребно е и приспособување на законите во земјава со европските, бидејќи актуелните се застарени и воопшто не ги опфаќаат онлајн медиумите. Ова се дел од заклучоците од денешната јавна дебата „Медиумската саморегулација и неопходни мерки за унапредување на професионализмот во медиумите“, која ја организираше Советот за етика во медиумите на Македонија. Според шефот на Делегацијата на Европската унија во земјава, Дејвид Гир, слободата на изразување е круцијална вредност во ЕУ, но е под постојан ризик како во Унијата, така и во земјава. Гир нагласи дека е потребен широк консензус за дијалог со сите инволвирани во земјава кога станува збор за состојбите во медиумската сфера и дека ЕУ ќе поддржи таков дијалог. Тој потенцираше и дека ЕУ преку низа финансиски инструменти ќе помага во оваа сфера, како во земјава, така и во Западен Балкан.
Осврнувајќи се на осумгодишното постоење на Советот за етика во медиумите на Македонија, претседателката Катерина Синадиновска нагласи дека Советот денес важи за етаблирано и професионално тело. „Успеавме како новинарска фела и медиумска заедница да се избориме за позицијата ние самите да ги уредуваме и регулираме новинарските стандарди“, рече Синадиновска, посочувајќи на постоењето на Регистарот на професионални медиуми. Извршната директорка на Советот, Марина Тунева посочи дека спроведувањето на саморегулацијата ги покажала предностите од тој процес, но и предизвиците во однос на професионалноста во информирањето. Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ рече дека во изминативе години добиле речиси 500 жалби, од кои 80 отсто се однесуваат на онлајн медиумите. Претставниците на СЕММ ја нагласија потребата од долгорочна самоодржливост на Советот за етика во медиумите на Македонија.
„Потребно е системски да се сменат работите, не е доволно да се каже дека постои слобода на говор и дека луѓе не одат во затвор“, рече претседателот на Здружението на новинари, Младен Чадиковски, кој зборуваше за потребата од подобрување на законите. Тој ја нагласи потребата од постоење на Фонд за проекти од јавен интерес.
Според Билјана Петковска, директорката на Македонскиот институт за медиуми, европските трендови упатуваат на балансирање меѓу регулаторните и саморегулаторните механизми. Таа ги потенцираше наодите од нивните последни истражувања, а според кои онлајн медиумите најчесто ги кршат професионалните стандарди, додека говорот на омраза претежно е присутен на социјалните мрежи. „Дел од онлајн медиумите одржуваат клиентелистички односи со политичките и со бизнис центрите на моќ и честопати создаваат или шират дезинформации и пропаганда на координиран начин“, вели таа.
Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија зборуваше за состојбата во која се наоѓаат новинарите, потенцирајќи наоди од нивните истражувања. Тој рече дека поради лошата состојба во која се наоѓаат новинарите, половина од нив размислуваат да ја напуштат работата. Според нивното истражување, една третина од новинарите работат повеќе од 40 часа неделно и не се платени прекувремено.
Повеќето од учесниците на дебатата ја истакнаа потребата од широк дијалог во однос на содржините кои се лиферуваат преку онлајн медиумите. Дебатата се организира во рамките на проектот „ЕУ Поддршка за подобрување на медиумската етика“, а е со поддршка на ЕУ и програмата Цивика Мобилитас.
Поврзани артикли