Првата голема студија која е фокусирана на долгорочните здравствени последици во врска со коронавирусот извела интересен заклучок.
Имено, лицата кои прележале полесен облик на Ковид-19 имале 17 отсто помали шанси да пријават симптоми на депресија и 23 отсто помали шанси да пријават анксиозни напади, при што научниците се потпреле и на претходните ментални состојби на пациентите.
Како што се наведува во заклучокот, лицата кои го прележале коронавирусот чувствуваат олеснување, додека оние кои не го прележале сè уште се грижат што ќе се случи доколку се заразат.
„Постојат неколку објаснувања за овој феномен, но јасно е дека лицата кои закрепнале од полесен облик на коронавирус имаат чувство дека можат да се вратат на секојдневниот живот и воедно помалку се грижат. Од друга страна, оние кои не се заразиле со вирусот се далеку повеќе загрижени бидејќи не знаат како ќе се манифестира истиот во нивниот случај, што воедно негативно влијае на нивното ментално здравје“, вели Ингибјорг Магнусдотир, водич на истражувањето од Универзитетот во Исланд.
Од друга страна, студија во која учествувале 250.000 луѓе од Данска, Естонија, Исланд, Норвешка и Шведска покажала дека лицата кои прележале потежок облик на Ковид-19 имале нарушено ментално здравје во текот на пандемијата и 2 месеци по закрепнувањето пријавувале симптоми кои укажувале на анксиозно нарушување или депресија.