Основачот и директор на компанијата SpaceX, Eлон Маск, го најави орбиталниот лет на својата најголема ракета за оваа година. Станува збор за Starship, најголемата ракета на светот која сеуште е во фаза на развој. Starship има височина од 120 метри и создава потисок од 75MN, а многу е понапредна од ракетата Saturn V која ги однесе луѓето на Месечината. Крајната дестинација на ракетата Starship е Марс. Горивото на ракетата се состои од течен метан и течен кислород, а Маск тврди дека ова гориво може да се направи и на Марс.
Но, се разбира пред да тргне во реализација на овие амбиции, SpaceX мора да покаже дека Starship може да ја достигне Земјината орбита. Потребно е да се направат анализи на еколошкото влијание на Starbase, постројката во Тексас, со цел да се добие одобрение од Федералната администрација за авијација (FAA) за обид за лансирање. Маск очекува дека таа проценка ќе биде завршена до крајот на овој месец.