Во Дубаи е отворен Музејот на иднината, градба што властите ја опишаа како најсовремена и најубава зграда на светот. Музејот има облик на издолжен прстен со празнина во средината и е сместен во центарот на градот, веднаш до надземното метро. Направен е од јаглеродни влакна и нерѓосувачки челик, а и „Нешнал џиографик“ веќе го прогласи за еден од најубавите музеи на светот.
„Ова е архитектонско и инженерско чудо кое самоуверено ги испреплетува минатото и иднината и ја применува напредната технологија во традиционалните уметнички форми“, изјави Мохамед Ал Гергави, претседателот на Фондација на иднината Дубаи.
Музејот на иднината го проектираше локалното студио „Кила дизајн“. Има седум ката и содржи изложби посветени на иднината, како и работилници и лаборатории за тестирање и развој на технологии. Идејата е да се види како би изгледал светот за 50 години и предвидува како следната генерација може да го подобри човештвото со своите решенија, но открива и кои се можните закани во иднината, вселенски истражувања, екосистеми и биоинженеринг и содржи прототипови на идни производи.