Палеонтолози во Аргентина открија нов вид на диносаурус кој веројатно имал толку слаби раце што тираносаурус рекс би изгледал како Попај во споредба со него.
Овој новооткриен диносаурус, наречен Guemesia ochoai, се смета дека припаѓа на група мали ситнораки месојади познати како абелисауриди, кои некогаш ги населувале Европа, Африка, Јужна Америка и Индија и изумреле пред околу 66 милиони години.
Научниците го открија новиот вид откако го анализираа черепот пронајден во северозападна Аргентина, стар околу 70 милиони години. За разлика од другите абелисауриди, тој имал „неверојатно мал“ череп. Всушност, се работи за абелисаурид со најмал мозок досега.
Можел да фати плен поголем од себе
Друга чудна работа за овие диносауруси беа нивните раце. Без цврсти коски на зглобовите или подвижните зглобови на лактите, абелисауридите не би можеле да ги свиткаат горните „израстоци“, а уште помалку да фатат нешто меѓу прстите. Немале ниту канџи, пишува Science Alert.
Но, не дозволувајте тоа да ве измами. Иако Ти-рекс имал подолги и помускулести раце, абелисауридите сепак можеле да фатат плен многу поголем од себе. Нивните силни вилици и многу остри заби лесно ја компензирале слабоста на нивните предни екстремитети.
Со оглед на тоа дека е пронајден само черепот, тешко е да се каже како изгледал овој вид во споредба со другите абелисауриди. Природонаучниот музеј (NHS) на Обединетото Кралство соопшти дека наликува на диносаурусот Carnotaurus sastrei, но со помала глава и без рогови.
Закржлавени раце?
„Овој нов диносаурус е сосема невообичаен за својот вид. Тоа покажува дека диносаурусите што живееле во овој регион биле сосема различни од оние во другите делови на Аргентина“, рече палеонтологот Ањали Госвами од NHM.
Сè уште не е јасно зошто абелисауридите имале толку мали раце. Експертите претпоставуваат дека тоа се остатоци од екстремитети чија функција со текот на времето се покажала бескорисна.
Студијата First definitive abelisaurid theropod from the Late Cretaceous of Northwestern Argentina е објавена во списанието Journal of Vertebrate Paleontology.