Најголемата јапонска железничка компанија „Џеј-ар ист“ го претстави возот „Хибари“ којшто се движи на водород и електрична енергија. Тој беше претставен во експерименталната база во градот Кавасаки, во околината на Токио.
Тестовите на електровозот се очекува да почнат во втората половина на март на една од линиите во околината на јапонската престолнина. Моторот генерира електрична енергија која се складира во батерии со голем капацитет со хемиско комбинирање со водород од резервоар со атмосферски кислород. Во атмосферата се испушта само водна пареа. Возовите од овој вид, според наводите, може да минат 140 километри со едно полнење со водород. Тие ќе се користат во руралните средини каде што сѐ уште се возат и дизел-локомотиви.
„Џеј-ар ист“ возовите секоја година испуштаат околу 2,5 милиони тони јаглерод-диоксид. Со воведувањето нови технологии, вклучувајќи ги и еколошките водородни мотори, оваа бројка се очекува да се преполови до 2030 година. До 2050, превозната компанија планира да го намали испуштањето јаглерод на нула.
Поврзани артикли