Истражувачите веруваат дека можеби постои планета во близина на сонце што умира која може да поддржува форми на живот.
Доколку се потврди, ова ќе биде првпат да се најде планета која потенцијално поддржува живот во орбитата на таква ѕвезда, наречена „бело џуџе“.
Планетата е откриена во „зона погодна за живот“, каде што не е ниту премногу студено, ниту премногу топло за да се одржи живот, јавува Би-Би-Си.
Студијата беше објавена во месечните известувања на Кралското астрономско друштво.
Професорот Џеј Фарихи од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој ја водеше студијата, рече дека набљудувањето е сосема ново за астрономите.
-Ова е првпат да се види нешто во зона погодна за живот. И затоа постои можност да има живот на оваа планета, изјави тој за BBC News.
Додека многу големите ѕвезди стануваат црни дупки кога ќе се изгаснат, помалите како нашето Сонце стануваат бели џуџиња – ѕвезди кои го потрошиле целото свое нуклеарно гориво и ги изгубиле своите надворешни слоеви.
Тие обично се со големина на планета и испуштаат синкаво-бела светлина кога првпат се формираат.
Се смета дека потенцијалната планета, која е оддалечена 117 светлосни години од Земјата, е 60 пати поблиску до својата ѕвезда отколку нашата планета до Сонцето.