Европската унија го објави планот вреден речиси 43 милијарди евра, со кој сака да стане главен производител на микрочипови во обидот да ја намали зависноста од азискиот пазар за компонентата на која работи речиси сè денеска, од автомобили, преку болнички респиратори, до конзола за игри.
Во време кога недостигот на природен гас и потпирањето на Русија во енергетиката покажуваат политички ризици од економска зависност, Европската унија со својот Закон за чипови почнува да ја зајакнува економската независност во важен сектор на производството на полупроводници, пренесуваат агенциите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека чиповите се во срцето на глобалната технолошка трка и основата на модерните економии.
Овој потег го следи примерот на напорите на американскиот претседател Џо Бајден да инвестира 52 милијарди долари (речиси 45 милијарди евра) во домашното производство на чипови.
Економијата закрепна од минатогодишната пандемија на коронавирусот, но запре синџирот на снабдување со полупроводници. Некои потрошувачи во Европа мораат да чекаат и по една година за да добијат автомобил поради недостаток на резервни делови.
Фон дер Лајен кажа дека Европскиот закон за чипови ќе ги поврзе истражувањето, дизајнот и тестирањето и ќе ги координира инвестициите на ЕУ во поединечните држави. Планот од 43 милијарди евра ги обединува јавните и приватните фондови и обезбедува државна помош за започнување големи инвестиции.