Истражувањата покажаа дека мразот на глечерот се намалил за околу 55 метри за четвртина век
Монт Еверест секоја година губи голема количина мраз поради климатските промени, се вели во новата студија, која ја пренесе Си-ен-ен. Мразот на кој му требале околу 2.000 години да се создаде, се стопил за околу 25 години, што значи дека се разредил околу 80 пати побрзо отколку што се формирал.
Иако топењето на глечерите се истражува со години, малку научно внимание се обрнува на глечерите што се наоѓаат на највисоките точки на планетата, наведуваат истражувачите на студијата која е објавена во Nature Portfolio Journal Climate и Atmospheric Science.
Тим научници и планинари, вклучувајќи шестмина од Универзитетот во Мејн, го посетија глечерот во 2019 година и зедоа примероци од леденото јадро, долго десет метри. Тие таму ги инсталираа двете највисоки автоматски метеоролошки станици во светот за да соберат податоци и да истражат дали најнедостапните глечери на Земјата се погодени од климатските промени.
„Одговорот е дефинитивно да и многу е значајно што ова почнува уште од доцните 1990-ти години“, изјавил Пол Мајевски, лидер на експедицијата и директор на Институтот за климатски промени на Универзитетот во Мејн.
Откритијата на научните тимови се предупредување дека брзото топење на глечерот на една од највисоките точки на Земјата може да доведе до уште полошо климатско влијание, вклучувајќи и чести лавини и сушење на изворите со вода. Ова е особено алармантно, бидејќи околу 1.6 милијарди луѓе во планинските масиви сметаат на вода за пиење, наводнување и хидроенергија токму од планинските извори.
Поврзани артикли