Пред повеќе од 1.500 години, низ она што денес е источниот дел на Соединетите Американски Држави се протегала огромна цивилизација позната како културата Хоупвел.
Научниците долго дебатираа за можната причина за исчезнувањето на оваа цивилизација. Се шпекулирало за војна или климатски промени, а сега се појави нова можност – остатоци што дошле од комета, пишува Science Alert.
Археолозите кои работат на 11 различни археолошки локалитети на Хоупвел пронашле необични концентрации на иридиум и платина во ископувањата, што укажува на фрагменти од метеорити. Покрај тоа, во талогот е пронајден слој јаглен, што укажува на тоа дека древната цивилизација била зафатена од период на интензивна топлина.
„Змија со рогови полета на небото и фрлаше камења на земја“
Забележано е дека подоцнежните жители на тој крај собирале фрагменти од метеорити и ги користеле како накит, а биле пронајдени и индикации за катастрофален настан во локалниот фолклор. Исто така, цивилизацијата Хоупвел изградила тумба во облик на комета во близина на епицентарот на дождот од метеорит, сега наречен Milford Earthworks. Згора на тоа, меѓу потомците на племето сè уште се зборува за еден катастрофален настан што се случил во далечното минато.
„Се зборува за змија со рогови која лета на небото и фрла камења на земја пред да падне во река. Кога ќе видите комета на небото, навистина изгледа како голема змија“ вели антропологот Кенет Танкерсли од Универзитетот Синсинати.
„Племето Шони опишува ‘небесен пантер’ кој уништувал шуми. Отаве зборува за денот кога сонцето паднало од небото. Ако комета ја погоди термосферата, таа би експлодирала како нуклеарна бомба“, рече Танкерсли, додавајќи дека микрометеоритите оставаат хемиски отпечаток по вакви настани.
„Космичките настани како што се астероидите и експлозиите на комети зад себе оставаат големи количини на редок елемент познат како платина. Но, проблемот е што платината се јавува и при вулкански ерупции. Затоа, научниците бараат уште еден редок елемент за да го потврдат ударниот кратер на метеоритот – иридиумот. А ние ги најдовме и двата елемента“, вели антропологот.
„Тешко е да се знае што точно се случило“
Научниците користеле различни техники, како електронска микроскопија и спектрометрија, за да ги идентификуваат елементите собрани во седиментот што го собрале. Тие пронајдоа невообичаено висока концентрација на фрагменти од метеорит во областа.
Кога го датирале материјалот, откриле дека настанот со метеоритите се случил помеѓу 252 и 383 година. Историските записи покажуваат дека 69 комети биле документирани во близина на Земјата во овој период. Според истражувањето, ваквата вселенска експлозија можела да предизвика пожари кои опустошиле околу 23.828 квадратни километри.
Сепак, научниците велат дека уште има многу неодговорени прашања бидејќи не е лесно да се ѕирне во минатото старо 1500 години.
„Тешко е да се знае што точно се случило. Имаме само неколку светли индикатори во темнината. Но, важно е да се забележи дека имало епизода на висока топлина во оваа област која веројатно била катастрофална за древните локални жители“, рече палеоекологот Дејвид Ленц од Универзитетот во Синсинати.
Истражувањето The Hopewell airburst event, 1699–1567 years ago (252–383 CE) е објавено во списанието Scientific Reports.
Извор: Index.hr