Австралиски научници тврдат дека откриле непознат објект, каков што досега е невиден, а кој се движи во Млечниот Пат, пренесе BBC.
Овој објект нема сличности со ништо што досега им е познато на научниците. Првин е откриен од студент кој користел телескоп и нова техника која самиот ја развил, а бил дел од тимот предводен од астрофизичарката Наташа Харли Вокер од Универзитетот Кертин во Австралија.
Во вселената често се документираат објекти кои пулсираат, се вклучуваат и исклучуваат, но не се случува често објект да пулсира на секои 18 минути.
„Ова е нешто сосема неочекувано, па дури и морничаво за астрономите, бидејќи не е познато дека нешто на небото функционира така“, стои во соопштението на Меѓународниот центар за истражување на радиоастрономија во склоп на Универзитетот.
Објектот е оддалечен 4.000 светлосни години од Земјата, изразито е светол и има исклучително силно магнетно поле.
Теориите за тоа што би можел да биде објектот вклучуваат неутронска ѕвезда или „бело џуџе“- термин кој се користи за остатоци од колабирана ѕвезда.
Извор: Klix.ba