Украина во неделата објави дека има „доказ“ за вмешаност на Русија во голем компјутерски напад, чија цел беа неколку владини веб-страници, во услови на зголемени тензии меѓу Киев и Москва.
„Сите докази до денес сугерираат дека Русија стои зад компјутерскиот напад“, се вели во соопштението на украинското Министерство за дигитална трансформација.
Цел на сајбер нападот извршен минатата недела биле неколку веб-страници на украинските министерства, кои со часови биле недостапни.
Саботажата, соопшти Министерството, е „форма на хибридна војна што Русија ја води против Украина од 2014 година“, кога Москва го анектираше Крим, проследено со тековен конфликт меѓу силите на Киев и проруските сепаратисти на исток, кога загинаа повеќе од 13.000 луѓе.
Целта е „не само да се заплаши општеството“, туку и да се „дестабилизира ситуацијата во Украина со поткопување на довербата на Украинците во владата“ преку „лажни информации за чувствителноста на државните информациски системи“, соопшти Министерството.