Акцелераторот УКИМ инвестираше во решението Листа на стартапот Брандер Студио и во играта SciGirl: The Internship на стартапот Синдекс, кои учествуваа во Акцелераторската програма БАУ АПА2021. По тој повод, денеска се одржа панел дискусија на тема: Акцелерација за паметни инвестиции, во организација на Акцелераторот УКИМ, ФИТР и ЕБОР кои во последните години активно работат на развој на македонскиот стартап екосистем и преку постоечките механизми го зајакнуваат капацитетот на заедницата.
Говорници на настанот беа: Никола Клопчевски, раководител на сектор за мониторинг на корисници, Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Соња Ингилизова, Аналитичар, Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Александар Стамболиев, директор на Акцелератор УКИМ (БАУ), Славе Ангелов, основач на Брандер Студио, креатор на решението Листа и Михајло Штерјов, основач на Синдекс, креатор на играта SciGirl: The Internship.
Акцелераторот УКИМ е пионер во обезбедување на паметни инвестиции во екосистемот за стартапи, преку унапредување на идеите и генерирање на ново знаење, надградување и трансформирање на иновативните решенија на стартапите во профитабилни бизниси и инвестиции до €100.000 по стартап компанија.
„ФИТР и Акцелераторот УКИМ се комплементарни со своите активности и многу е важно иноваторите да креираат решенија за постоечки проблем на пазарот“, изјави Никола Клопчевски од ФИТР.
„Мисијата на ЕБРД, покрај директната поддршка на мали и средни претпријатија и стартапи, е и градење на капацитетите на екосистемот преку соработка со акцелераторите и во таа насока соработката со Акцелераторот УКИМ ја сметаме за многу успешна и се надеваме да продолжи и во иднина“, изјави Соња Ингилизова од ЕБОР.
„Комбинацијата на менторска поддршка и доволни финансиски средства за развој на технолошки засновани решенија се клучни фактори за успех на македонските стартапи“, изјави Славе Ангелов од Брандер Студио.
„Водењето на стартап компанија е животен стил и следење на сопствената пасија. Потребно е континуирано споделување на идејата и барање на инвестиции, бидејќи со секоја инвестиција се валидира идејата и се забрзува времето за излез на пазарот“, изјави Михајло Штерјов од Синдекс.
„Акцелераторот УКИМ во соработка со програмата Star Venture на ЕБОР ја спроведува Акцелераторската Програма Есен 2021 година (AПA2021), во која се вклучија реномирани локални, регионални и глобални експерти, а четири глобални успешни стартапи ги споделија своите приказни, успеси и неуспеси. Експертите со своето разновидно искуство и знаење обезбедија вредни перспективи за усовршување на учесниците во АПА2021 и ги подготвија за инвестирање и освојување на пазарот. Како резултат на оваа програма, Акцелераторот УКИМ ги претстави првите паметни инвестиции во решението Листа и во играта SciGirl: The Internship, и очекува да инвестирира уште во неколку стартапи од учесниците во АПА2021“, истакна Александар Стамболиев, директор на Акцелератор УКИМ.