Финската агенција за нуклеарна безбедност даде дозвола петтиот нуклеарен реактор во таа земја да започне пробна работа со мала моќност. Реакторот Olkiluoto 3 би започнал со производство на електрична енергија во јуни 2022 година и ќе биде најголемиот реактор во Европа.
Се очекува реакторот да го зголеми енергетскиот капацитет на Финска за 1.600 мегавати, што би покрило околу 15 отсто од потрошувачката на електрична енергија во земјата. Максималното производство на електрична енергија од ветер во Финска, за споредба, е 2.500 мегавати.
Со почетокот на работата на реакторот, учеството на електричната енергија добиена од нуклеарните централи во Финска ќе се зголеми на околу 40 отсто, пишува Euractiv.com.
Од самиот почеток, проектот на изградба на реакторот беше проследен со технички проблеми и правни конфликти околу трошоците на конзорциумот што го сочинуваа францускиот нуклеарен концерн AREVA NP, кој сега се вика Framatome, неговата германска подружница AREVA GmbH и германски Siemens.
Реакторот требаше да биде завршен уште во 2009 година со вкупна цена од 3,2 милијарди евра. Тринаесет години подоцна, крајните трошоци за изградба се проценуваат на 8,5 милијарди евра.
Во Финска голем дел од граѓаните ја поддржуваат нуклеарната енергија. Истражување спроведена од асоцијацијата на финската енергетска индустрија, Finish Energy, покажа дека околу 50 отсто од Финците сакаат да го зголемат уделот на нуклеарната енергија во вкупното производство на енергија.
Голем број експерти во енергетската област сметаат дека долгорочно гледано за Европа, енергетската стабилност и сигурност се во градење нуклеарки. На прв поглед се работи за голема инвестиција, но велат дека киловат произведен од нуклеарна централа е значително поевтин од оној од термоцентрали.
Поврзани артикли